Наполи брка историја, Пандев на клупата

Клубот од Неапол вечерва со победа на гости кај Виљареал ќе обезбеди пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите.

Победата во минатото коло од Лигата на шампионите на домашен терен над Манчестер Сити на Горан Пандев и неговите соиграчи им го отвори патот кон осминафиналето во Лигата на шампионите. Последниот чекор играчите на Наполи ќе мораат да го направат сами и да ја заверат визата за европската пролет.

За тоа ќе им биде потребна победа вечерва кај Виљареал, клуб кој во претходните пет кола не освои ниту еден бод и кој нема никакви шанси да дојде до третото место, кое води во Лига Европа.

Според најавите, Пандев нема да се најде во стартните 11 на Валтер Мацари, но со оглед на неговата одлична форма во последните две недели, за очекување е тој да добие шанса на „Ел Мадригал“. Нападот на Наполи ќе го предводат Хамшик, Лавеци и Кавани, кои ќе се обидат да му донесат осминафинале на својот тим.

Во прилог на гостите од Италија оди фактот дека најдобриот играч на „жолтата подморница“ Џузепе Роси е повреден, како и тоа дека Бразилецот Нилмар само што се врати по подолгата пауза.

Група А

Манчестер Сити - Баерн (20.45)
Виљареал - Наполи (20.45)

Табела: Баерн 13, Наполи 8, Манчестер Сити 7, Виљареал 0 бодови.