Линдзи Вон победи и во супервелеслаломот
Вторник, 08 Март 2011 14:31

Линдзи Вон сезонава победуваше речиси на секоја постојка од зимската турнеја, меѓутоа последнава во Тарвизио ќе ја памети долго.

Во италијанскиот скијачки центар викендов американката комплетираше хет-трик.

Забележа три победи и уште поважно крена три мали глобуса. По славјата и титулите во суперкомбинација и во спуст, денеска 27-годишната Вон беше најбрза и прослави трофеј и во супервелеслалом.

Ова е нејзина 8-ма сезонска победа, вкупно 41-ва во кариерата. Претпоследната Супер-џи трка сезонава ја заврши со 23 стотинки подобро време од сонародничката Џулија Манкузо, а најголемата ривалка на Американката во годинашниве борби од Светскиот куп, Марија Риш го заокружи подиумот.

Благодарение на викендот од соништата бранителката на големиот Кристален глобус сега брка само 96 бода во вкупниот поредок зад Германката, што ветува возбудлив финиш на натпреварувањето.

Во наредниве две недели најдобрите светски скијачки ги очекуваат борби во Чешка и во Швајцарија, преостануваат уште вкупно 6 трки.