|
Ракометарите решени утре со Унгарија да покажат дека можат без капитенот
Роберт Димитриевски
Сплотени како еден, како што вели голманот Борко Ристовски, најдобрите македонски ракометари ќе се обидат да го надоместат отсуството на повредениот капитен Кирил Лазаров во првото соочување со Унгарија утре од 17,15 ч. во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Натпреварот од третото коло во првата квалификациска група за Европското првенство 2012 во Србија по подолго време ќе биде прв за нив без лидерството на најдобриот македонски ракометар. Алтернативи на десниот бек на Сиудад Реал во црвено-жолтиот дрес се Влатко Митков и Лазар Мајнов.
„Хендикепирани сме со неиграњето на Лазаров, но мораме да покажеме дека можеме да играме и без него“, вели пикерот Ванчо Димовски, кој во отсуство на голгетерот ќе ја носи капитенската лента. „Двајца играчи на неговата позиција долго чекаат шанса и се надевам дека до некаде ќе го надоместат неговото отсуство“.
Самиот Лазаров, кој викендот престојуваше во Македонија и беше присутен на вчерашната средба со новинарите, а синоќа требаше да се врати во Шпанија, очекува соодветно да биде одменет.
„Квалитетите на Митков и на Мајнов не биле спорни никогаш. Митков долго настапува во Бундес лигата и е извонреден во одбраната. Мајнов знае да шутне од дистанца и со 4-5 гола би бил од голема корист“, вели леворакиот бомбардер. „Без разлика што не можам да играм, никако не смееме да ги прецениме Унгарците. Со зрела, мудра и цврста игра, како и со помош од публиката, можеме до победа. Оваа генерација долго време игра заедно, повеќето репрезентативци се во зенитот на својата кариера и можат да се носат и со најсилните противници“.
Селекторот Звонко Шундовски е свесен дека без Лазаров ќе биде исклучително тешко, но и оти токму отсуството на првиот стрелец ќе претставува вистински тест за зрелоста на неговите избраници.
„Знаеме со кого имаме работа. Унгарија е многу силна селекција, беше седма на последното Светско првенство во Шведска, а ние ќе играме без најдобриот. Но, без оглед на тоа, имаме силен колектив и здрава атмосфера во репрезентацијата за позитивен резултат“, оптимист е Шундовски.
ПЕРЕЗ РЕЗЕРВА КАЈ УНГАРЦИТЕ
Унгарскиот селектор Лајош Мочаи ги одреди 16. ракометари за двомечот со Македонија, меѓу кои ги нема Давид Кацирц и Тамаш Мочаи поради повреда, а резерви се Петар Татаи, Карлос Перез, Габор Херберт и Атила Вадкерти.
Голмани: Нандор Фазекаш и Роланд Миклер. Десни крила: Петар Гулијаш, Гергели Харсањи и Томаш Иванчик. Десни бекови: Габор Анчин и Балаж Лалушка. Средни бекови: Габор Часар и Мате Лекаи. Леви бекови: Ференц Илјеш, Барна Путич и Корнел Наѓ. Леви крила: Ѓерѓ Иванчик и Саболч Торо. Пикери: Тимужин Шух и Саболч Зубаи.
ВИП-СПОНЗОР УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ
Мобилниот оператор ВИП ќе ја спонзорира Ракометната федерација на Македонија и во наредните две години. За разлика од досега, договорот е склучен на двојно подолг рок, бидејќи, како што вели главниот извршен директор Никола Љушев, „во јануари заедно одиме во Ниш“. Токму во тој град домаќинот на ЕП 2012 најави дека ќе ја смести групата во која би играла Македонија, ако се пласира на првенството. |