„КК Работнички“ бара изземање на судијата Диковски
Вторник, 08 Март 2011 13:36

Кошаркарскиот клуб Работнички денеска упати барање до Судиската организација при Македонската кошаркарска федерација за изземање на судијата Југослав Диковски од натпреварите кои ќе ги игра клубот од „Градски парк“.

Како причина за ваквиот потег на раководството на Работнички се наведува според нив „тенденциозното и навивачко судење“ на дербито со МЗТ Скопје.
- За нас такво судење и однесување е крајно неприфатливо. Работнички нема да дозволи таков однос од судија кој знае да суди, но не го покажува тоа. Барем така беше на дербито во „Јане Сандански“, стои во денешното соопштението од Работнички.

Што се однесува до резултатот, од Работнички упатија честитки за победата на „лутиот ривал“, но според нив таа е обезвреднета со таквото судење.

Од таборот на МЗТ Скопје првичниот коментар е дека победата против Работнички е сосема заслужена и дека главната цел на организаторите на мечот беше исполнета, а тоа е дербито да биде празник на кошарката и да помине без инциденти.

Натпреварот МЗТ Скопје - Работнички се одигра во неделата и заврши со победа на клубот од „Аеродром“ со убедливи 82:71.